Грчкиот премиер, Алексис Ципрас ќе ја добие довербата во парламентот, дециден е грчкиот вицепремиер, Јанис Драгасакис кој истовремено е и убеден дека преспанскиот договор ќе го освои потребното мнозинство, пренесе „Ројтерс“.
Вицепремиерот рече дека владата ќе стане посилна кога ќе го победи гласањето доверба, што ќе се случува доцна вечерва, а потоа ќе може да обезбеди поддршка од парламентот за договорот со кој ќе се стави крај на спорот за името.
„Ројтерс“ пишува дека грчките противници на договорот тврдат дека новото име Република Северна Македонија претставува обид за присвојување на грчкиот идентитет.
Ципрас изјави дека ако ја добие довербата со апсолутно мнозинство од 151 пратеник во 300-члениот парламент, тој ќе го достави месецов и договорот за името на ратификување. Ако го загуби гласањето доверба, Ципрас најави дека веднаш ќе закаже парламентарни избори.
Согласно уставот, Ципрас треба да обезбеди најмаку 120 гласови, меѓутоа тој се надева на 151 глас за да добие апсолутно парламентарно мнозинство.