Претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија, Артан Груби, имаше средба со полскиот амбасадор во земјава, Војциех Тицињски
На средбата Груби го потенцираше значењето на заокружување на решението на прашањето за името со Грција, по објавувањето на ратификуваниот договор во службениот весник на земјата. Исто така, го информираше полскиот амбасадор и за сработените задачите, кои Собранието ги направи неодамна, како што е донесениот закон за борба со корупцијата и судирот на интереси, реформите во безбедносниот сектор и законите од областа на правосудството, кои го поминаа првото читање и се во собраниска процедура. Како значаен чекор напред, во исполнувањето на политичките критериуми за влез во Европската унија, Груби го посочи и влегувањето во сила на Законот за употребата на јазиците, со што се заокружи имплементацијата на ОРД, а кој, како што истакна е во насока на подобрување на правата на албанците во државата.
За време на средбата амбасадорот го повтори ставот на Полска, во однос на прашањето за проширувањето на ЕУ, дека ги поддржува политиките на проширувањето, и дека земјите од Западен Балкан треба да се приклучат во Европската унија. За претстојниот самит, кој во рамките на Берлинскиот процес, годинава ќе се оддржи токму во Полска, амбасадорот изрази надеж дека ќе се испрати сигнал дека Западниот Балкан наскоро ќе биде во ЕУ и во таа насока ќе се фокусира на промовирање на стабилност, економски развој, зголемување на животниот стандард и економска соработка и безбедност.
Во однос на поддршката на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО за време на средбата беше истаканто дека земјата нема да изостане, и дека двете земји имаат одлични односи на сите полиња. Во тој контекст амбасадорт го поздрави значителното зголемување на стопанската размена по 2016 година, како и директната линија меѓу Скопје и Варшава.