Германската влада денеска објави дека Венецуела треба да одржи слободни и фер претседателски избори или да го прогласи опозицискиот лидер, Хуан Гуаидо, за привремен претседател.
„Актуелниот венецуелски претседател, Николас Мадуро, не може да биде легитимен претседател бидејќи изборите што го вратија на власт не беа фер“, изјави портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, а пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Гуаидо, инаку претседател на националното Собрание на Венецуела, во средата се прогласи за привремен претседател, а иницијативата ја поддржаа американскиот претседател, Доналд Трамп, и многу земји од Латинска Америка.
Мадуро, кој меѓу другите има поддршка од Русија и Турција, како и од венецуелската армија, не покажува намера да се откаже од власта со образложение дека е демократски избран.
Тој ги обвинува САД за поддршка на обид за пуч против него, поради што ги прекина дипломатските односи со оваа земја, инаку најголем трговски партнер на Венецуела.