Околу 200 идни невести одбираа совршена венчаница на шестиот The Bridal Fashion Night, кој се одржа вчеравечер во „Скопје Мериот хотел“ во организација на Моден викенд Скопје.
Ревијалниот дел го отвори MCouture by Mila Kadriu со колекцијата Spring Bridal2018, за која дизајнерката Мила Кадриу вели: „Во новата колекција е дефинирана женственоста преку самиот крој, со храбри и екстравагантни елементи во комбинација со транспарентни делови и богато рачно везени детали.
Елеганцијата е претставена во најделикатната форма, гламурот е суптилен и романтичен, а раскошот изобилува од различни делови и во повеќе ноти.“
Студио „Зиане“ со три нови креации ја најави колекцијата за пролет-лето 2018. Модната куќа „Менакон“ од Косово пред македонската публика донесе 20 нови модели под името Storm.
Колекцијата на Наташа Карчева од ателјето „Ал апарел“ наречена Endless love е инспирирана од љубовта, убавината, музиката и карактерот на жената.
„Како и секогаш во моите колекции повторно се одбегнува стереотипот на класични венчаници, а се става акцент на оние нежни, лесни, прозрачни, малку провокативни кои суптилно го отсликуваат женското тело“, вели Карчева.
Брендот за уникатен италијански накит Sigma Jewelry ги претстави новите трендови за
претстојната сезона.
За првпат македонската публика ги виде моделите на ателјето „Зана“ од Косово со колекција за пролет- лето 2018 година наречена Something more составена од 10 венчални фустани.
Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа –Бу“ на овогодишниот The Bridal fashion night претстави нова уникатна креација, фустан изработен исклучиво од свежо цвеќе.
Вечерта ја затвори Elizabet design studio со најновата колекција Equilibrium. Во една од
нејзините креации ја видовме и познатата македонска кошаркарка Едина Муса, која за првпат облече венчаница.