Кошаркарската репрезентација на Македонија загуби и во вториот натпревар во претквалификациската група за пласман во квалификациите за Светското првенство во 2019. Естонија вечерва славеше во Скопје 80:76. Македонија со овој пораз максимално си ги намали шансите за пласман на едно од првите две места во групата.
Македонските кошаркари против Естонците одиграа добро само во првата четвртина, по која акумулираа предност од 12 поени (29:17), но во остантите три далеку под посакуваното ниво, што на крајот четата на Давитков ја однесе во пораз.
Естонците, во вториот период влегоа во ритам, го искористија падот во играта на Македонија и до полувремето негативата од 12 поени ја претворија по предност од еден поен (42:43).
Третата четвртина донесе резултатска нишалка, двете репрезентации се менуваа во водството, но по 30 минути игра Естонија ја задржа предноста (61:63).
Последниот период беше најлош во играта на Македонија, одбраната далеку од посакуваното ниво, нападот најчесто се сведуваше на индивидуални решенија, реализацијата на слободните фрлања подпросечна.
Естонците имаа на нешто повеќе од четири минути до крајот 68:75, Македонија со многу труд успеа да намали на 73:75, но пресврт на Македонија не и дозволи Сок кој со тројка одново ја однесе Естонија на безбедна разлика 73:78. Точка на натпреварот стави капитенот Стојановски кој со тројка само го ублажи поразот 76:80.
Капитенот Стојановски со 26 поени беше најефикасен на мечот.