За видни функционери од поранешната власт, меѓу кои бегалецот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистрите Никола Тодоров, Миле Јанакиески и Антонијо Милошоски, ексградоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и вицепремиерот Бујар Османи, бизнисменот Орце Камчев, ексдиректорот на „Телеком“, Жарко Луковски, експратеничката Силвана Бонева и десетици други лица, паднаа истрагите кои ги отвори специјалното јавно обвинителство, по денешното начелно мислење на Врховниот суд.
Освен тоа, неизвесна е судбината на обвиненијата за „Талир“ кои ги поднесе СЈО до кривичниот суд, како и низата предистражни постапки, меѓу кои за купопродажбата на акциите за „Фершпед“, за судијата Владимир Панчевски, за графичкиот центар, стечајот на МПМ, за обновата на албанскиот театар, „Диво Насеље“, случајот со убиството на Мартин Нешковски.
Паѓа и една од најголемите предистражни постапки што се води во СЈО во последниве години за „Скопје 2014“, која по својот обем и комплексност ги надминуваше сите останати предмети во обвинителството. Предмет на интерес на специјалните јавни обвинители беа спомениците, градбите, постапките за јавни набавки и финансиските импликации од најлуксузниот проект на претходната власт.
Во предистражна постапка е и случајот со агенцијата за обезбедување СГС, зад која, според прислушуваните материјали, се криеше поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Од инфографиците што ги подготви „Макфакс“ можат да се видат сите истражни постапки кои во моментов се водат во СЈО. Врховниот суд на општа седница денеска пресече дека СЈО не може да отвора истраги и да поднесува нови обвиненија по рокот од 18 месеци, по иницијативата на двајцата адвокати Боро Тасевски и Еленко Миланов.
Правниците кои ги консултира „Макфакс“ објаснуваат дека сега истрагите може да ги преземат редовните обвинителства, но без бомбите, бидејќи редовните обвинителства немаат надлежност врз нив.