Општина Охрид денес официјално по објавата дека има низа неправилности при исплатите на отштетите за земјотресите што го погодија Охрид во 2017 година, утврдила низа пропусти и злоупотреби при доделување на средствата кои се делеле според роднински врски.
Претседателот на комисијата, Радован Вељаноски кој заедно со комисијата составена од други четири членови одлучувале за тоа на кому ќе се доделат средства, ја злоупотребил функцијата и со сомнителни записници од проценката за штетите, дозволил блиски членови на неговото семејство да бидат обештетени, иако тие не поднеле барања. Против Вељаноски е изречена дисциплинска мерка со кратење на 30% од неговата плата наредните шест месеци.
В.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски вели дека постојат и други сомнителни трансакции, меѓу кои и исплати на вработени во општината, па затоа случајот со целата документација е предаден во СВР Охрид и ЈО.
„Макфакс“ објави дека Општина Охрид по земјотресите во 2017 година, одобрила исплаќање пари за отштета на четири лица, иако барања биле поднесени од двајца. Исплата била направена и на вработен во Кабинетот на градоначалникот, Илија Пиперкоски, иако тој не е сопственик на имотот каде што имало штети од земјотресите. Во јавниот повик наведено е дека сопственикот на имотот треба да приложи трансакциска сметка заедно со имотен лист. Но, парите, наместо на сметка на мајката на Пиперковски, која го поднела барањето и која е сопственик на имотот, легнале на негова сметка.