Бројот на германското население, и покрај негативната стапка на наталитет, поради имиграцијата и натаму е во пораст, објави во петокот Федералното статистичко биро во Визбаден.
„На крајот од 2018 година, 83 милиони луѓе живееле во Германија, што е околу 200 000 повеќе отколку до крајот на 2017 година”, соопшти Федералниот завод за статистика.
Растот на популацијата е поврзан со интензивираната имиграција во Германија бидејќи во 2018 година, според проценките, бројот на починатите го надмина бројот на новородените германски граѓани.
Канцеларијата за статистика наведува бројки од 785-805.000 новороденчиња и 950 до 970.000 починати.
Зголемувањето на бројот на жители се должи на т.н. позитивен имигрантски биланс. Така, во 2018 година во Германија се преселија меѓу 340 000 и 380.000 лица повеќе отколку што заминаа. Сепак, бројот на имигранти е во опаѓање веќе трета година по ред, што е поврзано со намалувањето на бројот на бегалци.