Опозицијата најави и денеска блокирање на крстосници низ Скопје, по што во 18 часот ќе протестираат пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Во период од 15 до 17 часот, блокирани ќе бидат крстосницата кај „Мавровка“, крстосницата помеѓу улиците „Васил Чакаларов“ и „Ангел Динев“ во Карпош и крстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

„Македонија е единствената држава во Европа во која што народни избраници од опозицијата се притвораат без причина. Македонија е единствената држава во Европа во која што се притвораат уметници, оперски пејачи, режисери, актери и активисти со измислени обвиненија.
Македонија е единствената држава во Европа во која што се притвораат полициски професионалци и лажно се обвинуваат за тероризам. Не постои ниту еден доказ за обвинението за тероризам кое што сака да го конструира власта на Заев против Дурловски, Чавков, Јовановски, Дамовски, Илиевски и останатите. Постои само желба за политичка одмазда од страна на хунтата против сите кои имаа храброст јавно да се спротистават на антидржавните политики.
Отткако хунтата на СДС е на власт, Република Македонија не е демократска држава. СДС ја погреба демократијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додабаат дека притворите за пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ се целосно неосновани, исто како што е неосновано обвинението за тероризам кое им се става на товар, ним и на лицата поврзани со настаните од 27-ми април.

„Случајот кој се води против 36-мината недолжни граѓани е чист политички прогон, кој не се заснова на правото и законите, туку на заканите и потребите на хунтата. ВМРО-ДПМНЕ поради оваа неправда која се случува останува на улиците се додека хунтата ги гази законите и се изживува со граѓаните“, стои во соопштението на опозицијата.