Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ утре во Собрание ќе поднесе барање за оставка на Заев, формирање техничка влада и иницијатива за распуштање на парламентот. Ова го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по седниците на Извршниот и Централниот комитет на партијата.
,,Велеа сме барале избори, а сме молеле Бога да не добиеме. Нека видат сега граѓаните кој е ,,за”, а кој моли Бога да не ги добие”, рече Мицкоски.
Тој го повтори ставот на опозоцијата дека државата не била волку поделена досега, дека Македонија е во најтешка ситуација по осамостојувањето.
,,Да го спречиме пеколниот план за уништување на Македонија, има време и за реформи и за корекции”, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во случај да не биде прифатено барањето за избори, Мицкоски немаше прецизен одговор што ќе преземе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.