Пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ го вработила синот во ЕЛЕМ, соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Според Арсовски, Виктор Стојчевски од денес почнал да оди на работа.
„Дали е точно дека Виктор Стојчевски своето вработување во ЕЛЕМ го заслижил со навредливите коментари упатени кон граѓаните кои ги нарекуваше ‘хибернирани кретени по улиците на Скопје’ или бил најдобар кандидат оти мајка му креваше рака за промена на името, покачувањето на акцизите или отворањето на измислени заменици-директори во јавните претпријатија“, прашува Арсовски.
Тој смета дека власта го сокрила ова вработување, потенцирајќи дека јавноста треба да знае дали синот на Мира Стојчевска е вработен во ЕЛЕМ.
„Уште за колку вработувања на синови, ќерки, браќа и сестри ќе разбере јавноста во наредниот период? Во сите случаи на непотизам се работи за огромни плати и хонорари, над просечните кои ги земаат во граѓаните“, додава Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во изминатиот период во ЕЛЕМ биле вработени децата на Мирослав Грчев, Асаф Адеми и Талат Џафери.