Потпреседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Владо Мисајловски на денешната прес конференција објави дека десет кандидати се пријавиле на огласот на партијата за претседател на државата, но една од пријавите била отфрлена веднаш бидејќи била доставена по завршување на рокот во кој беше отворен јавниот повик.
Меѓу пријавените се професорката Гордана Силјановска, пратеникот Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, поранешен директор на државниот архив, Горан Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика, Горан Ангелов, поранешен градоначалник на Виница, Илија Димовски, професор во пензија на Шумарскиот факултет, Васко Костов, фармацевтски техничар, Никита Шехтуковски, професор на ПМФ, Сашо Кутлешовски, доктор по земјоделски науки се пријавените кандидати, а кој ќе ја добие довербата на делегатите ќе се знае на 16 февруари на партиската Конвенција во Струга.
Мисајловски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи на сите пријавени, еднаков пристап до општинските комитети на партијата во периодот од 6 до 16 февруари кога ќе можат да ги претстават своите програми.
– Сите кандидати ќе имаат еднаков третман и еднакви можности да бидат избрани, согласно принципите и демократијата. Транспарентноста и демократијата на овој процес е со цел да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи согласно законите и Уставот, во полза на сите граѓани – рече Мисајловски.