Видео од големо куче кое за време на комерцијален лет седи во кабина на авион на компанијата China Southern Airlines стана експресно популарно на социјалните мрежи, а голем број корисници се прашуваа зошто компанијата дозволила кучето да седи меѓу патниците.
Кафеавиот алјаски маламут на снимката мирно и културно си седи на своето место, но сепак, тоа е многу невообичаена глетка во патнички авион.
По многуте реакции, компанијата соопшти дека дозволила кучето да патува во кабината и да добие свое седиште, бидејќи станува збор за придружник за емоционална поддршка. Ова значи дека присуството на кучето е одобрено од лекар, иако за животното да се квалификува за ваков статус не е потребна некоја посебна обука.
Портпаролот на компанијата изјави дека животното се однесувало пристојно и дека никогаш немале проблеми со кучиња кои се емоционална поткрепа за некој од патниците. Видеото е снимено минатата година, но дури сега се појави во јавноста.
Коментарите беа поделени – некои корисници на социјалните мрежи сметаат дека на кучињата не им е местото меѓу патниците, други, пак, велат дека куче пречи помалку во споредба со бебе кое цело време плаче.