Полицаец од Казахстан скокнал од прозор на 13-ти кат додека бркал осомничен за сексуален напад на тинејџерка. Полицаецот не само што не загинал, туку со скршено стапало успеал да го фати педофилот.
Полицаецот Бакјитџан Бакиров учествувал во апсењето на лице кое претходно провалило во стан во градот Алмати. Лицето украло голема количина на пари и сексуално нападнало 15-годишно девојче.
Бакиров се претставил како водоинсталатер за да влезе во изнајмениот стан на осомничениот на 13-ти кат од стамбена зграда.
Меѓутоа, осомничениот се посомневал дека нешто не е во ред и се обидел да побегне, така што скокнал од 13-ти кат, од висина од околу 30-тина метри. Но, зад себе имал одлучен полицаец кој може да се каже дека бил уште полуд од него – тој исто така скокнал низ прозорецот.
„Имав само една мисла во главата – морам да го фатам. Не размислував за ништо друго. Дури не сфатив како скокнав, но немав страв“, изјави Бакиров.
Овој потег можел да се заврши трагично по него, но за среќа слетал на тераса која била само два ката подолу.
„Немав поим дека е таму“, изјави полицаецот.
Осомничениот кој го избрал прозорот за бегство очигледно знаел за терасата, меѓутоа тоа не му помогнало затоа што Бакиров го фатил и не го пуштал се додека не пристигнало засилување. И сето тоа го сторил и покрај тоа што се здобил со скршеница на стапалото.