Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по денешното подготвително судско рочиште за тужбата за клевета и навреда од братот на премиерот, Вице Заев, рече дека станува збор за бесмислен предмет и за политички притисок.
„Вице Заев ме тужи за нарушени чест и углед. Како што видовте внатре, тој денеска не се појави на подготвителното рочиште. Испрати адвокат. Јас решив да се бранам самиот зашто сметам дека немам потреба од адвокат и од правна помош“, рече Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека пораката на главниот бизнис-фактор до сите бизнисмени во државата е да размислат дека ако може главниот бизнис-фактор во државата да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш што може да им се случи ним.
Николоски рече дека верува во правниот систем на државата и очекува судот да го отфрли тужбеното барање на Вице Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, потпретседателот на опозициската партија рече дека ќе го прашал Вице Заев на следното рочиште, кое ќе се одржи на 26 февруари, за симптомите што ги навел во тужбеното барање дека му се јавиле како резултат на неговата изјава.
Николоски рече: „Пишува дека господинот од изјавата чувствувал вознемиреност, главоболки и имал вегетативна симптоматологија во вид на потење и црвенило на лицето, па би сакал да го прашам на кој начин дошол до тие заклучоци“.
Тoј пред новинарите изјави дека она што го кажал го кажал како претседател на опозициската партија.
Причината за тужбата е поради тоа што Николоски во телефонско интервју за една телевизија рекол дека Вице Заев и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата.
На следното рочиште на 26 февруари ќе биде распрашан братот на премиерот. Вредноста на спорот е 30 илјади денари.