Во последниве шест децении напуштените објекти на еден град ги прекриваат наноси од песокот на пустината Намиб, која во Африка зафаќа површина од 50.000 квадратни километри.

Имено, Колманскоп во Намибија е град на духови од 1954 година, кога го напуштиле и последните жители – рудари кои работеле во блискиот рудник за дијаманти. Своите најдобри времиња градот ги доживеал во 20-тите години на минатиот век, кога имал околу 1.200 жители, претежно локални работници, членови на племето Овамбо, но исто така и германски колонисти.

Многу жители го населиле овој град откако извесен Захарија Левал пронашол дијамант во оваа област, а потоа било откриено дека целото подрачје крие големи количества од овој скапоцен камен.

Благодарение на големото богатство кое брзо се акумулирало, бил изграден град во европски стил, кој имал сè: од електрична централа, болница и спортски сали, па до казина и кугларници. Преку железничка линија бил поврзан со пристанишниот град Лудерик. По Првата светска војна, залихите на дијаманти почнале да исчезнуваат, а населението во потрага по работа заминало на други места.

Колманскоп денес важи за најпопуларниот град на духови во Намибија и за одлична туристичка атракција. Бидејќи се наоѓа во заштитеното подрачје Шпергебит, посетителите мора да добијат посебна дозвола за влез во градот.