Индонезиската полиција се извини и вети дека ќе преземе дисциплински мерки против своите работени откако во јавноста „протече“ видеоснимка на која се гледа како полицајци околу вратот на осомничен намотуваат жива змија обидувајќи се да го натераат да признае кражба на мобилни телефони.
На снимката која се појави на интернет се гледа како осомничениот беспомошно стенка, со рацете врзани на грбот, додека полицаецот кон неговото лице ја турка змијата испрашувајќи го за тоа колку мобилни телефони украл. Додека мажот се грчи на земја со затворени очи, полицаецот гласно го прашува: „Колку пати крадеше мобилни?“, на што осомничениот преплашен одговара: „Само двапати“.
Но, полицаецот не се откажува и на осомничениот му се заканува дека змијата ќе му ја турне во уста и во панталони.
Шефот на папуанската полиција Тони Анада Свадаја јавно се извини објаснувајќи дека „инспекторите не си ја вршеле должноста професионално“. Тој додаде дека се обиделе да изнудат признание на сопствена иницијатива и објасни дека змијата била „питома и неотровна“.
„Преземени се чекори против службениците“, кажа тој, истакнувајќи дека полицајците не го нападнале физички осомничениот.
Вероника Коман, адвокатка која се залага за почитување на човековите права и е фокусирана на областа Папуа, смета дека користењето змија во обид да се изнуди признание на осомничено лице е чисто мачење и дека тоа не е прв случај во тој регион.
Потсети дека полицијата на ист начин употребила змија настојувајќи да добие признание од еден нејзин клиент кого го сметале за сепаратист.
Портпаролот на папуанската полиција одговори дека тој случај не му е познат.