Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и од министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на панел-дискусии и оствари многубројни средби во рамките на работната политичка и економска агенда за време на неговото учество на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
„Пред точно една година, овде во Давос, со премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас, првпат направивме средба и ја отворивме иднината за нашата земја. Постигнавме договор за иднината на Македонија. За сегашните и идните генерации ги отворивме портите за надежна и перспективна иднина на нашите граѓани.
Еве сега, по една година, овде сум со потпретседателот за економски прашања на Владата на Република Македонија и со министерот за економија, влезени комплетно и целосно во економска агенда. Овде оваа година ги отвораме економските врати за перспективната иднина на нашата земја, Република Македонија.
Јас верувам дека оваа можност што ни се дава како покана вторпат да бидеме присутни овде во Давос потврдува дека Македонија е дел од глобалниот демократски свет и дел од сите планови на економиите што светот ги развива и ги планира во периодот што доаѓа пред нас“, изјави Заев.