Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Неготино рече дека е недозволиво во 21 век луѓето да немаат вода и да носат со буриња, да има во Неготино повеќе вино од вода.
– Имаме намера да покажеме како се живее во 21 век. Избравме живот во Македонија, мора да продолжиме заедно, јас можам само со вас. Ние сме едноставни, обични луѓе кои си ја сакаат Македонија. Одговорно, отчетно ќе ги водиме и општините, на секој граѓанин ќе му служиме. Барам поддршка за број 19, за живот во Неготино и живот во Македонија за сите – повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Неготино.
Тој додаде дека шеесет и осум милиони евра се исплатени за субвенции.
– Ќе има уште повеќе. Ја соопштувам одлуката тука, ќе има уште 2 денара субвенција по килограм предадено грозје на винарниците, затоа што годината беше лоша. Јас сум првиот премиер кој доаѓа од село, ја знае земјоделската мака и ја имате целата поддршката – рече претседателот СДСМ.