Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс ја вратија НБА титулата во Оукленд откако во финалната серија го совладаа Кливленд со 4-1. Петтиот натпревар од финалето Вориорс го добија со 129:120. За најкорисен играч (МВП) е прогласен Кевин Дурент, кој ја освои првата титула во својата кариера.
Кливленд не успеа да го повтори минатогодишниот подвиг кога успеа да се врати по негативата од 3-1 во победи и на крајот да ја освои титулата. Сезонава разликата ја направи Кевин Дурент, кој, конечно, успеа да стигне до шампионскиот прстен.
Дурент со брилијантна игра ја „растури“ одбраната на Кливленд. Еден од најдобрите играчи во НБА лигата, во финалната серија има неверојатни бројки, тој на ниту еден натпревар не постигна помалку од 31 поен, а во петтиот меч постигна 39 кошеви за 40 минути игра (14/20 од поле).
Покрај Дурент, блескаше и Стеф Кари со 34 поени, шест скокови и 10 асистенции. „Џокерот“ на Вориорс во петтиот меч беше Андре Игудала, човек кој пред две години беше МВП на финалето. Игудала натпреварот го заврши со 20 поени.
Леброн Џејмс одигра уште еден неверојатен натпревар, но одново ја немаше вистинската поддршка од соиграчите. „Кралот Џејмс“ постигна 41 поен, 13 скокови, осум асистенции, но не успеа да го одржи својот тим во финалето. Блескаше и Џеј Ар Смит со 25 поени (7/8 тројки), додека Кајри Ирвинг иако реализира 26 поени имаше лоша реализација погоди само девет од 22-та обиди.
Инаку, Голден Сејт од почетокот го контролираше натпреварот, а решавачката разлика ја направи во втората четвртина, кога при резултат 41:33 играчите на Вориорс направија серија 28:4.