Голден Стејт води против Кливленд со 2-0 во финалната серија во НБА лигата. Бранителот на титулата во вториот меч, со извонредна игра во одбраната убедливо го порази Кливленд 110-77. Од почетокот на сезоната кошаркарите на Голден Стејт ја забележаа 87-та победа со што го израмнија рекордот на легендарната генерација на Чикаго Булс од сезоната 1995/1996.
https://www.youtube.com/watch?v=NZYXNofi6zI
Кливленд во Оракл арената во Оукленд имаше приклучок само во првата четвртина, потоа Дрејмонд Грин со две тројки ја најави победата на Голден Стејт. Проблемите на Кливленд продолжија кога Кевин Лав поради повреда го напушти теренот. Крилниот центар по еден дуел со Херисон Барнс се здоби со потрес на мозокот и неговиот настап во третиот меч е неизвесен.
Голден Стејт на овој меч одново демонстрираше извонредна тимска одбрана, а во нападот од играчите кои влегова во игра само Брендон Раш не успеа да постигне поени.
Дрејмон Грин со 28 поени, седум скокови и пет асистенции го предводеше тимот до победата. Стеф Кари на теренот мина 24 минути и постигна 18 поени, а Клеј Томпсон реализираше еден поен помалку.
Кај поразениот тим само тројца играчи постигнаа двоцифрен број на поени, Леброн Џејмс со 19 поени, осум скока и девет асистенции беше најдобар. Потфрли и на овој меч Кајри Ирвинг кој постигна само 10 поени.
Финалната серија сега се сели во Кливленд, а третиот меч ќе се одигра во ноќта помеѓу среда и четврток.