Владиниот портпаролот, Миле Бошњаковски, на прес-конференција во Владата изјави дека замената на патните документи и регистарските таблички ќе биде на товар на граѓаните.
Според него, новите регистарски таблички, како што рече, се очекуваат да бидат издадени кон средината на мај, а патните документи кон крајот на годината, додека рокот за замената на старите патни исправи истекува за пет години во согласност со договорот со Грција.
Во меѓувреме, како што синоќа најави премиерот Зоран Заев, бесплатна ќе биде налепницата за возилата со ознаката NMK, кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата. Пасошите на граничните премини привремено ќе добиваат печат со Република Северна Македонија.
Бошњаковски додаде и дека Македонска Каменица и Македонски Брод нема да го менуваат името, а институциите тоа ќе треба да го направат за четири месеци.