Во склоп на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ , во оделот хирургија има дива депонија во која најверојатно има и медицински отпад, реагираа преку соопштение од Граѓанско Демократската унија. Од партијата заедно со соопштенеито испратија и низа фотографии и видео снимка.
„Влезот на интерна медицина, којашто треба да важи за најреномирана државна здравствена институција во Македонија е со искршена табла, а ходниците се прокиснати и излупени.
Клиниката за очни болести може да се „пофали“ со распаднати и искршени прозори.
До детската клиника има фабрика со оџаци и истата активно го загадува воздухот во близина на болните дечиња“, стои во соопштението на ГДУ.
Оттаму посочуваат дека македонското здравство се наоѓа во очајна положба, а до министерот за здравство, Венко Филипче, и тимот којшто раководи со Клиничкиот центар, упатија апел да не се правдаат со претходната власт и недостатокот на средства бидејќи за да се решат овие проблеми, како што посочија од ГДУ не е потребна астрономска сума на пари, туку едноставно желба да се сработи нешто за доброто на сите граѓани.
„Г-не Филипче, доволно време сте министер, немате простор за оправдувања! Ова што следува не е погодно за драмска пропаганда од типот „еве и јас го вакцинирам моето најмило“. Прашуваме: Кој и колкава одговорност ќе понесе поради фактот што Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ повеќе личи на напуштен мексички затвор, отколку на модерен комплекс клиники во земја со евроатлантски аспирации?
Бараме одговорност за ова ситуација од личноста што стои на врвот на пирамидата, а имено министерот Венко Филипче. Бараме од него да се повлече од функцијата, бидејќи како што гледаме не е добар менаџер и ете не успева да се справи со овие проблеми“, се вели во соопштението.