Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс се на чекор до освојување на титулата во НБА лигата, откако победи и во третиот меч од финалната серија. Во Охајо, Вориорс го скршија домаќинот Кливленд во финишот на натпреварот и славеа со 118:113.
Кливленд не успеа да слави во третиот меч и сега има ќе му биде потребно вистинско чудо за да ја одбрани титулата. Минатата сезона Кавалирс губеа со 3-1, но на крајот успеаја да ги добијат последните три натпревари и да ја освојат првата титула во клупската историја.
За разлика од првите две средби кога играчите на Голден Стејт како домаќини забележаа две убедливи победи, кршејќи го отпорот на противникот во третата четвртина, третиот меч беше решен во финишот, во последните три минути кога Кливленд едноставно исчезна од теренот и на противникот му дозволи серија 11:0 со која беше решен победникот.
Клучен човек за триумфот беше Кевин Дурент кој мечот го заврши со 31 поен, осум скокови и четири асистенции. Одличен меч одигра и Клеј Томпсон (30 поени), а Стеф Кари имаше учинок од 26 поени, 13 скокови и осум асистенции.
На Кливленд не му помогна ниту брилијантното издание на Леброн Џејмс (39 поени, 11 скокови, 9 асистенции) и Кајри Ирвинг (38 поени).
Инаку Вориорс со овој триумф го подобрија плеј оф рекордот, тие сезонава сеуште немаат пораз во разигрувањето за титулата, односно имаат скор 15:0.