Активисти на СДСМ делеле зејтин на гласачите од Крива Паланка, тврди Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС е во паника и се обидува на криминален начин, со класичен поткуп, јавно и пред очите на полицијата да привлече некој глас на своја страна. Фотографиите кои ги гледате зад мене се од Крива Паланка, каде што во присуство на полициски службеници со службено полициско возило, активисти на СДС испратени од Заев делеа прехранбени продукти на граѓаните, масло за јадење. Овде е прикажан само еден еклатантен обид за поткуп на граѓаните од страна на СДС, што се обидуваат да го реализираат и во повеќе општини во Република Македонија“, рече Андонов.
Тој рече дека со ова СДСМ го прекршува чл. 162 ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија, кој вели „тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Сината шкода на сликата, тврди Андонов, е службено возило на МВР, кое е забележано дека се користи за партиски цели.
„Според член 8-Б од Изборниот законик, забрането е користење канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи за потребите на изборната кампања“, изјави Андонов.