Американски официјални претставници соопштија дека некои американски дипломати и нивните семејства се упатиле во караван до аеродромот во главниот град на Венецуела, по дипломатскиот судир со претседателот Николас Мадуро.
Писмото напишано од страна на офицерот за безбедност на американската амбасада, во кое се бара придружба од венецуелската полиција за 10 возила, претходно денеска се појави на социјалните мрежи, објави агенцијата АП.
Мадуро во средата им даде на американските дипломати 72 часа за да ја напуштат земјата и да ја затворат својата амбасада, најавувајќи дека ќе ги прекине дипломатските односи поради одлуката на администрацијата на Трамп да го признае Хуан Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела.
Администрацијата Трамп ги отфрли овие барања и соопшти дека амбасадата ќе остане отворена.
Сепак, вчера беше соопштено дека ќе се намали бројот на вработени поради загриженост за безбедноста.