Спортското семејство Вардар ја има најдобрата година во својата историја, откако фудбалерите дојдоа до историски пласман во Лигата на Европа, ракометарките станаа вицешампионки на Европа, а ракометарите го достигнаа најголемиот клупски успех во историјата на машкиот колективен спорт, освојувајќи ја Лигата на шампионите.

Но, сето ова се закануваше да биде засенето од најавата на првиот човек на клубот, Сергеј Самсоненко, дека ќе си замине од Вардар. Богатиот Русин во неколку наврати најави дека ќе си замине од Вардар, но на крајот демантираше и потврди дека ќе остане со своите играчи.

Сепак, прашината која ја крена не слегнува толку лесно, а доволно за повторно да се разгори огнот е и фактот што во Вардар има вистински егзодус, пред се во ракометниот дел. Тренерот Раул Гонзалес потврди дека си заминува, исто како и Штербик, Циндриќ, Марсениќ, Абутовиќ… И во фудбалскиот клуб постојат голем број за заминувања и продажби на фудбалери, па повторно се наметна прашањето дали Самсоненко ќе остане на зборот или ќе си замине.

Судејќи според информациите кои ги пренесе магазинот „Фокус“, до такво нешто нема да дојде.

Имено, Сергеј Самсоненко, според информациите, го проширува својот бизнис во Македонија, откако влезе во групата на акционери што имаат повеќе од 5 проценти од акциите во тетовскиот комбинат за прехранбени производи „Жито Полог“. Според Централниот депозитар на хартии од вредност, Самсоненко од оваа недела поседува 6,52 проценти од акциите во овој комбинат.

Ова конкретно не мора да значи ништо за Вардар и неговите навивачи, но може да навестува дека Самсоненко нема намера да си замине од Македонија, а со тоа, многу веројатно, ниту да го напушти Вардар. Секако, освен ако не добие некоја непристојна понуда од некој друг инвеститор.

Извор: Sportclub.mk