Вкупниот број луѓе кај кои е потврден коронавирусот во земјава вчера надмина две илјади, односно достигна 2014 од почетокот на епидемијата.
Тие се дијагностицирани во точно три месеци откако на 26 февруари кај нас беше потврден првиот позитивен на КОВИД-19. Оздравени се 1453, 116 пациенти починаа, а активни случаи има 445. Ноќва што помина беше последна со полициски час кој беше воведен на 22 март.
Владата донесе одлука од денеска да престане важењето на забраната за ограничено движење, а угостителските објекти да почнат да работат од утре. За нив има прецизирани протоколи во зависност дали се затворени или имаат тераси.
Од 1 јуни 2020 ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на тековните активности, како што се работа од дома, патување за работа во Скопје, организирање на работниот процес со ротации…
Таа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа – за просторни услови, физичко растојание, носење лична заштита итн. Ова нема да важи за хронично болните, а отстапка засега ќе има и за родители на деца до 10 години или деца од предшколска возраст затоа што сè уште нема одлука за отворање на градинките.