„Кога презедов одговорност да бидам претседател на парламентот, презедов одговорност за извршување на сите обврски и овластувања што се предвидени за таа функција“, одговори вчера дипломатски претседателот на парламентот Талат Џафери на прашање дали е подготвен да биде в.д. претседател на државата во случај да не успеат претседателските избори, пишува Независен весник.
На брифинг со новинари, Џафери објасни дека во случај да не биде постигнат цензусот од 40 проценти излезеност во вторникот круг, изборите ќе се сметаат за неуспешни, а постапката за избор на претседател ќе се повтори во рок од шест месеци. На прашања, пак, дали се гледа како претседателски кандидат, Џафери остана на став дека тој е претседател на Собранието и дека не решава кои ќе бидат претседателските кандидати на партиите.
Џафери потврди дека претседателските избори ќе ги распише до 8 февруари за да се одржат на 21 април и вториот круг на 5 мај, затоа што, како што рече, тоа се последните законски дозволени рокови пред истекот на мандатот на Ѓорге Иванов. За евентуалните предвремени избори, првиот парламентарец остана на партискиот став дека не е сега време за тоа и посочи дека веќе е поминат рокот за формирање техничка влада за заедно со вториот претседателски круг да може да се одржат и парламентарни избори.
Тој посочи дека за издржано барање за распуштање на парламентот ќе го смета само она на кое би имало потписи од најмалку 61 пратеник, колку што е потребното мнозинство за евентуално распуштање на парламентот.
Целосниот текст на овој ЛИНК
Александра М. Митевска