Мега скандал е што во изборна година Градот Скопје и Петре Шилегов носат планови за вработување на над 700 партиски војници во само две јавни претпријатија, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Од овие 700 вработувања, во ЈП Комунална хигиена се вработуваат 300 нови работници, а во ЈСП се планира вработување на 403 лица. И двете претпријатија опстојуваат поради субвенции на градот Скопје и бележат загуби, а сега граѓаните ќе мора да ги плаќаат и овие нови партиски војници кои што ќе ги вработи СДСМ. Овие 700 вработувања на партиски војници не може никако да се толкуваат поинаку освен како корумпирање на гласови пред изборите“, подвлече Арсовски.
Портпаролот истакна дека додека се вработуваат 400 лица ЈСП, во пензија одат само 30 луѓе во првата година, а во ЈП Комунална Хигиена се вработуваат 300 луѓе при што само 29 ќе одат во пензија, односно 10 пати повеќе се вработуваат од онолку колку што одат во пензија.
„Ова се вика натрупување на државната администрација со партиски војници. Се работи за раководни звања, раководители на сектори, на одделенија, заменици раководители, советници“, рече Арсовски.
Тој праша дали Заев и Шилегов со планот за 700 нови партиски вработувања прават вовед во изборен фалсификат на следните претседателските избори, но и како ќе се има доверба во кредибилноста на изборниот процес кога се корумпираат гласови со планови за 700 нови вработувања.