Мефаиљ Арслани адвокатот кој го застапува пратеникот од ДУИ, Ејуп Аљими во случајот на СЈО за изборни нерегуларности „Титаник 3“ за кривичната пријава која обвинителот Гаврил Бубевски денеска ја поднесе против него вели дека обвинителите од СЈО во судницата не покажале ниту еден аргумент со кој го поткрепуваат обвинението, па сега се обидуваат да се пресметаат со него надвор од неа.
„Не дозволуваат професионално да си ја водиме работата. Нашата арена е во суд со правни аргументи во предметот. Во случајот кој тие го застапуваат не приложуваат ниту еден аргумент, и одеднаш излегува нешто небулозно. Доколку како што велат заканите биле лани, зошто сега се кажува. Не знам дали сакаат да се прикажат како жртви и да се изврши притисок врз во судот“, вели Арслани за „Макфакс“.
Адвокатот на Аљими и понатаму тврди дека не упатил никакви закани до Бубевски. Тој вели дека од изјавите на обвинителите може уште веднаш да се заклучи дека тој не се заканувал.
„Прво рекоа дека заканите биле во суд, па во ходниците на судот, па излезе на крај кај Мавровка. Ако јас сум се заканил се знае како се постапува, се повикува полиција, се прави записник. Требало да биде пријавено тоа, од лани до сега сме имале многу рочишта, никој не спомена такво нешто“, рече Арслани.
Адвокатот вели дека не е воспитан да ги дели луѓето на етничка, верска или било каква основа. Тој изјави дека остава на судот да утврди дали се вистинити обвиненијата дека упатил закани до Бубевски.
„Ниту сум воспитан така, ниту скроен да се заканам и да ги делам луѓето на таков начин. Сите со кои работам во мојата канцеларија се Македонци, пораснав во Скопје со Македонци, оставам на судот да утврди дали тоа е вистина или не“, вели Арслани.
Во истата стои дека додека сведокот А.И. го управувала возилото во кое се наоѓала обвинителката Фатиме Фетаи обидувајќи се да пронајде паркинг-место, го здогледале Мефаиљ Арслани. Сведокот го отворил прозорецот за да го поздрават и му рекле „Добар ден, Мефо, што правиш, како си“, при што адвокатот Арслани со висок и агресивен тон одговорил: „A бе, еве, не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша (покажувајќи со рака кон Фатиме Фетаи), а на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му е*еме“.