2018 година ќе биде запаметена како една од најпродуктивните години во историјата на односите меѓу САД и Грција, изјави висок американски претставник за грчките новинари, пренесува АНА-МПА.
„Заложбата на САД за партнерство со Грција се базира на заеднички интереси“, додаде високиот американски претсставник со посебен осврт на постигнатиот напредок и партнерствата изградени во областите на трговијата, инвестициите, одбраната и безбедноста.
Во однос на договорот од Преспа, тој посочи дека неговата земја ја гледа Грција како земја што предизвикува стабилност и доверба во поширокиот регион.
Тој додал дека смета оти Грција е вистински победник во постигнувањето на договорот од Преспа, како во однос на придобивките што ќе ги имаат по неговата целосна имплементација така и во поглед на решавање на прашањето за името, како и поради потенцијалот што овој договор поттикнува понатамошен позитивен развој на односите со Албанија, Косово и со Србија.