Американецот Ксавиер Темс (25 год., 191 см.) е најновото засилување за екипата на МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, откако потпиша двегодишен договор со македонскиот шампион, пред кого е напорна сезона со настапи во Еврокупот, АБА-лигата и во двете домашни натпреварувања.
Станува збор за бек-шутер пред кого допрва претстои докажување и кој досега има само неколкумесечно европско искуство настапувајќи за шпанскиот прволигаш Севиља во втората половина од 2014 година.
Во меѓувреме, Темс играше за „лудите мравки“ од Форт Вејн во американската развојна НБДЛ-лига, а две години по ред беше дел од Бруклин нетс во Летната НБА-лига (2014 и 2015), екипа која ги откупи правата за него откако на драфтот пред две години беше избран како 59. пик од страна на Торонто репторс.
Новото засилување на МЗТ Скопје Аеродром е и делумно познато на кошаркарската јавност кај нас, со оглед на тоа што настапи за комбинираната репрезентација на Македонија на неодамнешната турнеја во Кина. Темс остави солиден впечаток во жолто-црвениот дрес, со оглед на тоа што беше меѓу најефикасните на поголем дел од средбите на македонската селекција на двата турнири кои ги одигра на Далечниот Исток.
Американецот е осмиот играч кој летово потпиша договор со актуелниот првак, по сонародниците Џеремаја Мејси и Џош Скот, Холанѓанецот Шарлон Клоф, Србите Урош Лучиќ и Ѓорѓе Дреновац, Хрватот Јуре Лалиќ како и македонскиот репрезентативец, Марко Симоновски. Под договор се уште и Љубомир Младеновски и Адем Мекиќ, а новитет има и во стручниот штаб, со оглед на тоа што сезонава улогата на предводник од клупата ќе ја има Емил Рајковиќ.