Актерката Гражина Волшчак и неколку други јавни личности во декември 2018 година ја тужеа полската држава дека не презема доволно мерки за градовите во Полска да не бидат меѓу првите на непопуларната листа на најзагадени места за живеење во Европа.
Волшчак побара од државата да ѝ плати отштета на невладина организација за да им помогне на заболените од рак, а судот, повикувајќи се на извештајот на Националниот завод за ревизија (НИК) во септември, ги призна наводите дека поради загадениот воздух е повредено нејзиното право на слободно движење, правото да излезе од дома кога сака и да дише чист воздух. судијата нареди да се исплати отштета од 1 190 евра.
Актерката е прва личност која пред полските судови, со пресуда која во моментот не е правосилна, се избори за потврда дека нејзино право е да дише воздухот кој не е загаден од смог.
Надоместокот е симболичен, но има далекосежно значење како преседан, бидејќи е при крај процесот што се води по слична колективна тужба од стотици Полјаци. Со таа тужба, покрај поефикасни мерки за спречување на загадувањето, од државата се бара да исплати отштета и да го снабди населението со маски против смог и домашни апарати за прочистување на воздухот.
Според извештајот на Фондот за здравство на Полска од крајот на минатата година, 40.000 Полјаци годишно умираат од последиците на загадениот воздух.