Австралија го призна претседателот на Националното собрание на Венецуела, контролирано од опозицијата, Хуан Гуаидо, како привремен претседател на земјата додека во земјата не се одржат изборите, се вели во изјавата на австралискиот министер за надворешни работи, Марис Пејн, преднесува „Сидни морнинг хералд“.
„Австралија го признава и го поддржува претседателот на Националното собрание, Хуан Гуаидо, во преземањето на позицијата на привремен претседател во согласност со Уставот на Венецуела и додека не се одржат изборите. Австралија повикува на што побрзо преминување кон демократија во Венецуела” се вели во изјавата на Пејн.
Во средата, Гуаидо се прогласи за привремен претседател на Венецуела, а неговиот потег го признаа САД, Канада и голем број други земји.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, го обвини Вашингтон дека организирал државен удар во земјата и најави дека Каракас ги прекинува дипломатските врски со Вашингтон, барајќи од американските дипломати да ја напуштат земјата во рок од 72 часа.
Сепак, претставник на американскиот Стејт департмент изјави за „Спутник“ дека Вашингтон нема план да ја затвори својата амбасада во Венецуела и дека ќе продолжи да ја оценува ситуацијата на терен.