Тројца играчи на МЗТ Скопје се меѓу оние кои го обележаа првото коло во регионалната АБА лига. Дамјан Стојановски за „влакно“ не е МВП на колото, Бојан Трајковски имаше најмногу скокови, а Ерик Гарсија е втор најдобар асистент.

Дамјан Стјановски, кој заедно со Бојан Трајковски во последната четвртина одиграа симултанка со одбраната на Партизан, во победата 92:89 вгради 30 поени, 5 скока, 4 асистенции и една украдена топка, што му донесе индекс на успешност 30.

Капитенот на МЗТ на теренот мина 36:33 минути, а поради минутажата за „влакно“ му избега МВП наградата.

Имено, и новиот центар на Црвена звезда, Матијас Лесор, имаше 30 индексни поени (22 поени, 4 скока, 2 асистенции и украдени топки), но наградата за најкорисен во првото коло оди кај него бидејќи мина помалку минути на теренот (25:33 минути) од Стојановски.

Инаку, Стојановски е втор најдобар стрелец во ова коло, зад Дезмонд Вашингтон, кој во поразот на Игокеа од Олимпија постигна 35 поени.

Бојан Трајковски на натпреварот со Партизан покрај 20 поени имаше и 14 скокови, најмногу во првото коло, додека новиот плејмејкер на МЗТ, Ерик Гарсија, на дуелот со Партизан подели девет асистенции. Една повеќе од Гарсија имаше новиот играч на Партизан, Најџел Вилијам-Гос. н.ц.